Македонска владина делегација составена од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заменик претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Славица Грковска, министерoт за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерoт за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и генералниот директор на Пошти на Северна Македонија, Јани Макрадули, денеска во Софија, во позитивна атмосфера, имаа продуктивен состанок со колегите од бугарската Влада, на кој дискутираа за тековните активности и следните заеднички проекти во делот на добро владеење, животната средина, дигиталната трансформација и владеењето на правото.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ, како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања, на почетокот на состанокот го истакнал задоволството од досегашната комуникација со бугарските колеги. Нагласил дека очекува предлози и идеи кои ќе дадат конкретни резултати, од полза и за граѓаните од двете страни на границата и за нашиот евроинтеграциски процес.
– Непосредната комуникација и секторската соработка е одличен начин за продлабочување на односите. Соработката преку размена на искуства и добри практики во областите клучни за нашиот евроинтеграциски процес, како владеење на правото, зелената агенда и дигиталната трансформација, кои за нас се од исклучително значење. Затоа очекувам проекти кои ќе бидат додадена вредност во спроведувањето на реформите, рекол вицепремиерот Маричиќ.
Во дискусијата за политиките за добро владеење, заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Славица Грковска и нејзината бугарска колешка Калина Константинова го поздравиле одличниот почеток на соработка во оваа широка област.
Грковска изразила благодарност до бугарската страна за споделувањето на искуствата од Оперативната програма за добро владеење, која отвора широко поле за соработка помеѓу двете земји на среден и долг рок.
– Двете страни исто така дефинираа серија активности кои ќе следат во наредниот период со посебен фокус на зајакнување на соработката со граѓанскиот сектор, градење на капацитетите на јавната администрација и размени и споделување на искуства во превенција и борбата со корупција, се наведува во соопштението.
Министерот за информатичко општество и администрација, Алити, заедно со неговиот бугарски колега Божидар Божанов, министер за електронско управување на Република Бугарија, се договориле во определен временски рок двете институции да почнат да соработуваат и да разменуваат искуства со цел да развиеме прекугранични електронски услуги за граѓаните и заедничко признавање на доверливите услуги и електронска идентификација.
Во рамки на состанокот министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, заедно со бугарскиот колега, вицепремиер за климатски политики и министер за животна средина и води на Република Бугарија, Борислав Сандов, потпишале двегодишна Програма за спроведување на Договорот за соработка меѓу двете министерства во областа на животната средина и управувањето со водите, потпишан 2019 година.
Министерот Нуредини истакнал дека со потпишувањето на Програмата се потврдуваат заедничките заложби за подобрување на билатералната соработка меѓу двете држави преку спроведување на конкретни активности за поквалитетна заштита на животната средина и активно вклучување во реализација на заеднички иницијативи.
Следејќи ги заложбите на двете влади, за зголемена динамика на соработка и имплементација на заеднички проекти, директорите на двете поштенски управи, потпишале Mеморандум за разбирање за поштенска соработка меѓу Бугарски пошти ЕАД и АД „Пошта на Северна Македонија, со што се отвора една нова страница во односите помеѓу двете поштенски управи. Активностите што ќе произлезат од овој Меморандум, во иднина, и на граѓаните и деловната заедница од двете држави, ќе им обезбедат поквалитетни и поефикасни поштенски услуги.
-Убедени сме дека секој во рамки на своите институции, со сопствена иницијатива и одговорност, може да придонесе да се отвори нивна страница во односите на двете земји, преку олеснување на комуникацијата помеѓу граѓаните и деловните субјекти, посочил на средбата директорот Макрадули, потенцирајќи дека иако денеска се потпишува Меморандумот, двете поштенски управи веќе преземаа активности за практична имплементација.
Следната средба на работната група за европска соработка – зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото ќе се одржи на почеток на месец април, во Скопје.