Четвртата рунда експертски разговори меѓу тимовите на министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, ангажирани во дијалогот по т.н. пакет на политички прашања денеска во Софија поминала во конструктивна и отворена атмосфера.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, биле разгледани последните предлози испратени минатата година од страна на Република Северна Македонија во одговор на предлозите на бугарската страна претставени на третиот круг експертски консултации кои се одржаа во септември лани во Скопје.
-Тимовите на министерствата за надворешни работи го потврдија ангажманот за поддршка на активен дијалог насочен кон изнаоѓање заемно прифатливи решенија за клучните теми од билатералната политичка агенда, наведуваат од МНР.
Денешната средба беше договорена меѓу министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска за време на заедничката меѓувладина седница на двете држави од 25 јануари годинава. Во духот на напорите за создавање на нова позитивна динамика, заемно беше изразена неопходноста за интензивно продолжување на разговорите за т.н. пакет политички прашања.
Состанокот на експертско ниво, меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, е во рамки на обновениот македонско-бугарски дијалог за надминување на отворените политички прашања и интензивирање на соработката меѓу двете земји.
Следниот круг на експертски разговори, како што најавуваат од МНР, ќе се одржат во најскоро време во Скопје.