Во галеријата „Архиви“ на улица Московска бр. 5 во Софија денеска во 17 часот ќе биде отворена документарната изложба „Крвавото лето на 1903 и избувнувањето на Илинденско-Преображенското востание, известуваат од Државната агенција „Архиви“ на Бугарија, јавува Трибуна.

Изложбата ги застапува темите за основачите на Внатрешната организација и Врховниот комитет, учесниците во Солунскиот конгрес во јануари 1903 година, востанието во Македонија – Битолски и Ресенски востанички региони, Крушевската Република, востанието во Костурско, во Прилепско, Кичевско, Охридско и Дебарско, во Кукушко, Гевгелиско и Тиквешко, во Струмичкиот регион, во Скопско и Велешко, во Кратовско и Кочанско и во Штипскиот регион.

Проследени се и последователните востанички акции во Странџа и Одринско, во Горноџумајско и Разложко, како и востанието во Серскиот регион.

Во изложените архивски документи се претставени причините за востанието, неговото подготвување и организирање, востаничките дејствија и нивните последици. Нагласено е местото и улогата на жената во настанот – и како актер на организацијата и учесник во востаничките борби покрај мажите, и како верен помошник и придружник на учесниците во бунтот. Место во изложбата е посветено и на оружјето и на начинот на живот на бунтовниците.

Во документарната изложба „Крвавото лето 1903. Илинден – Преображение – Крстовден“ се обрнува внимание и на широкиот одзив што Илинденско-Преображденското востание го предизвикува во странство – кај светската јавност, владите и поединците. Речиси во сите европски весници се објавени написи во кои се следи напредокот на востанието и се истакнува храброста на неговите учесници, како и суровоста на репресиите на османлиската моќ при неговото задушување.

Изложбата содржи вредни архивски документи од фондовите на Централниот државен архив, Државниот воено-историски архив – Велико Трново, државните архиви во Благоевград, Бургас, Варна, Ќустендил, Пазарџик, Смољан и др.

Изложбата ќе биде придружена со изложени оригинални документи и фотографии од овој херојски и трагичен период од нашата историја. Изложбата може да се види секој работен ден од 9.00 до 17.00 часот до 10 ноември, велат организаторите.