Во Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да продолжи седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која на дневен ред се предлог-одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

Тоа ќе биде четврти ден расправа во матичната комисија, а по нејзиното завршување на пленарна седница ќе може да се гласа да продолжи уште половина година кризната состојба во оваа област, што е во сила со одлука на Владата од 1 септември.

Собранискиот спикер Талат Џафери укажа дека краен рок за изгласување кризна состојба е 28 септември, за да може да стапи на сила од 1 октомври.

Според власта, прогласувањето кризна состојба ќе овозможи механизми за справување со кризата. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи минатата недела нагласи оти имаат доволно аргументи за да побараат шест месеци период на енергетска криза, со цел граѓаните да бидат испочитувани со соодветни мерки за најмалку да ја почувствуваат кризата.

За пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, причината за лошата состојба со електричната енергија во земјава е на недомаќинското работење и намаленото производство на електрична енергија. Според нив требало во изминатите години да се зголеми наместо да се намали домашното производство.