Во Скопје и во Софија денеска продолжува обновениот македонско-бугарски дијалог за надминување на отворените политички прашања и интензивирање на соработката меѓу двете земји.
Во Софија ќе се одржи редовниот состанок на експертско ниво, меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија согласно договорената динамика на билатерални преговори за т.н. пакет на политички прашања.
Денеска во Софија треба да продолжи и состанокот на работната група за инфраструктура на кој македонската делегација е предводена од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, а бугарската од неговиот колега Николај Сабев. На заседавнието на меѓуресорската работна група за соработка во областа на инфраструктурата, транспортот и поврзувањето, покрај Бочварски и Сабев учествуваат и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, како и бугарскиот вицепремиер и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, и за енергетика Александар Николов. На состанокот во фокус се прашања од заеднички интерес во делот на патниот сообраќај, транспортната поврзаност и дигитализацијата.