Скопје бележи пад на загадувањето во првиот квартал од 2021 година, споредено со истиот период од претходните години. При анализа на нивото на ПМ10 честички во воздухот од страна на државните мерни станици, месеците јануари, февруари и март покажуваат праволиниски пад на овие вредности на територијата на градот Скопје.
Групирањето на податоците, посебно на квартално и годишно ниво, ни овозможува исклучување на приликите како метеоролошки влијанија, кои што на месечно ниво може да ја компромитираат сликата. Односно, доколку примерокот на анализирани податоци е поголем, може да бидат донесени заклучоци кои пореално ја прикажуваат фактичката состојба, на подолг рок. До сега, највисоки вредности биле измерени во 2017 година кога имало дури 365.5 ПМ10 μg/m3. Од тогаш, вредностите се во постојан пад.
Дополнително, покрај постојаниот пад, доколку се вратиме само неколку години наназад, ќе видиме дека нивото на ПМ10 μg/m3 за само 4 години паднало речиси три пати.
Скопје кој до пред неколку години беше од врвот на листите на најзагадени градови, годинава е на 380 место, според IQair. Доказ е и тоа дека, оваа година, не беа воведени вонредни мерки со кои одредени категории на граѓани беа ослободувани од работа, се воведуваше бесплатен превоз, се зголемуваше цената на паркингот, со цел намалување на штетните гасови и последиците од нив.
Важно да се продолжи со спроведување на политиките насочени кон намалувањето на загадувањето на воздухот чии што ефекти стануваат видливи, и од страна на институциите и од стана на граѓаните. Да продолжат засилените инспекциски контроли, расчистувањето на дивите депонии, подигањето на нови зелени површини и подигањето на остатоците на стрништата од страна на градот. А граѓаните што помасовно да се вклучат во кампањите за пријавување на огнови на отворено, да користат велосипеди, електрични тротинети, да ги искористат субвенциите за чистење на оџаците и за купување инвертори.