Во Скопје моментно се активни 18 пожари од кои три се најкритични, во Кучково кон Горно Свиларе, меѓу Добри Дол и Ракотинци во Сопиште, како и во Горно Блаце.
Како што соопштија денеска на прес-конференција директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и неговите соработници, за само неполн час се пријавени нови седум пожари. Причина за ваквата алармантна ситуација се високите температури и силниот ветер кој го отежнува гасењето.
На терен моментно се околу 300 војници од Армијата, а максимално се ангажирани и сите материјални ресурси.
Според Горан Стојановски од ЦУК, за 20 до 30 минути, со едно јавување, се обезбедува помош по барање на Противпожарна единица или општина. Но, се дејствува по приоритети при што клучни се човечките животи и објектите, а нивите и нискостеблестите шуми се во втор план.
-Отсега определуваме приоритети. Очекуваме дополнително засилување на ветерот и отежнувачки околности во справувањето со пожарите, но не губиме надеж, остануваме на терен со сите расположливи сили. Можеме дополнително да обезбедиме уште 500 војници. Материјалните ресурси се максимално ангажирани, истакна Стојановски.
Најновите податоци велат дека и натаму најризични се Делчевско – Пехчевскиот регион, Кумановско и Прилепско каде има 18 пожари.
Ангелов апелираше граѓаните да се евакуираат ако случајно се најдат на место на пожар.
-Состојбата се менува од минута во минута, а сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесоа за брзо ширење на постоечките пожари и појава на нови жаришта, рече директорот на ЦУК.
Од утре секој ден во 10 часот ЦУК ќе информира за состојабата со пожарите, а по потреба ќе се свикуваат и прес-конференции за навремено и точно информирање.