Под мотото „Градење отпорност во свет што се менува“, денеска во Скопје се одржа регионалната ESG конференција посветена на стандардите за животна средина, општествени прашања и корпоративно управување (ESG), организирана од Американските стопански комори (АмЧам) од Северна Македонија и Србија, во соработка со АмЧам Албанија и Косово, а со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и кофинансирање од Европската унија.
Со оваа конференција, АмЧам заедницата од четирите земји ја поставува основата за понатамошна регионална соработка во областа на ESG и придонесува кон зајакнување на долгорочната конкурентност на Западен Балкан, преку споделување добри практики и заеднички пристапи кон одржливото управување.
Настанот беше отворен од Живко Мукаетов, член на Управниот одбор на АмЧам Северна Македонија, и Фатих Туркменоглу, шеф на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, кои го нагласија значењето на ESG-пристапот за градење долгорочна корпоративна отпорност.
Конференцијата започна со сесија составена од три презентации кои се осврнаа на трите суштински аспекти на “ESG”, односно животната средина, општествените прашања и управувањето (Environment, Society, Governance).
Прв настапи д-р Себастијан Данет од Програмата за животна средина на ОН (UNEP), кој зборуваше за тоа како компаниите можат да ги проценат и управуваат еколошките ризици, да го интегрираат биодиверзитетот во своите стратегии и да придонесат за обновување на екосистемите како дел од својата долгорочна вредност.
По него следуваше излагањето на д-р Дејан Валентинчиќ од Американско-словенечката образовна фондација, кој се осврна на одливот на човечки капитал од регионот и потенцираше дека компаниите мора проактивно да ги адресираат социјалните последици преку одговорни HR-стратегии и инвестирање во луѓето.
Третиот главен говорник, г-ѓа Катја Бехтел, советник за деловен интегритет, нагласи дека борбата против корупцијата, транспарентноста и етичкото лидерство се клучни за зајакнување на довербата на инвеститорите и намалување на ризиците во сложениот геополитички контекст.
Конференцијата продолжи со серија панел-дискусии посветени на: ESG во регулаторниот контекст на ЕУ, ESG-лидерство и еколошка транзиција, улогата на бизнисите во градење на силни заедници, враќање на довербата преку одговорно корпоративно управување и улогата на финансиските институции во поддршката на одржливи практики и декарбонизација.
Конференциите на АмЧам посветени на ЕСГ-стандардите продолжуваат да служат како платформа за поврзување на релевантните национални и регионални чинители, директно поддржувајќи ја пошироката агенда на АмЧам за периодот 2024–2028 година која дефинира конкретни цели поврзани со зелената транзиција, развојот на човечките ресурси и економската интеграција.