Голем број идни студенти и други граѓани ја посетија информативната кампања на бугарското Министерство за образование и наука што се одржа денеска во хотелот „Солун“ во центарот на Скопје. Организатори на настанот се Министерството за образование и наука на Бугарија заедно со Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола и Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје јавува Трибуна.
Дванаесет од најдобрите бугарски високообразовни институции денеска се претставија пред јавноста во главниот град на РС Македонија. Претставниците на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, Националната спортска академија „Васил Левски“-Софија, Американскиот универзитет во Бугарија од Благоевград, Југозападниот универзитет од истиот град, Тракискиот универзитет од Стара Загора, Медицинскиот универзитет од Плевен, Вишото военоморско училиште „Никола Вапцаров“-Варна, Технички универзитет- Варна, Универзитетот за врски и пошта, Хемиско-технолошкиот и металуршки универзитет и Уметничката академија музика, танц и ликовна уметност од Пловдив, ги претставија можностите за студирање пред идните студенти што го посетија претставувањето.
„Ова претставување, беше потикнато од долгогодишниот интерес на македонските студенти да студираат на бугарските универзитети, а исто така и од добрите образовни и културни врски меѓу двете земји. Студентите од РС Македонија имаат можност да се образоваат во повеќе од 2000 стручни насоки во повеќе од 30 универзитети. Најголем е интересот за медицината, компјутерските технологии, инженерските насоки, психологијата, правото и др. Дипломата добиена во бугарските универзитети е признаена во целата Европска унија. Поради тоа е сосема нормално да има толкав интерес од страна на идните студенти од РС Македонија, да го добијат своето високо образование во Бугарија“, изјави за Трибуна, Галина Дреновска, директор на дирекцијата за високо образование кон Министерството за образование и наука на Бугарија.
Караванот на бугарските универзитети продолжува утре во Битола, каде претставувањето ќе се одржи во хотелот „Милениум“ на улица „Маршал Тито“ бр 48. На 9 декември претставувањето на бугарските универзитети ќе се одржи во Домот на млади на улица „Сандо Манев“ бр. 1. Сите презентации почнуваат од 11 часот и ќе траат до 15 часот.
Денешната презентација на бугарските високообразовни институции беше посетена и од амбасадорот на Република Бугарија во РС Македонија Ангел Ангелов, кој беше награден со почесна плакета од страна на Вишето военоморско училиште „Никола Вапцаров“ од Варна.
Погледнете ја и галеријата од денешниот настан во хотелот „Солун“ во главниот град на РС Македонија овде.