Со едноминутен молк и интонирање на бугарската химна во 11:00 часот по локално (12:00 часот по бугарско) време пред Амбасадата на Република Бугарија во Република Северна Македонија, беше оддадена почит кон ликот и делото на големиот бугарски поет и револуционер Христо Ботев и сите загинати за слободата на Бугарија, јавува Трибуна.

„Во овој момент во цела Бугарија се слуша звукот на сирените. Сирени не за воздушен напад, туку за сеќавање и помнење. Сите пешаци стојат во место, сите возачи ги гаснат моторите на своите автомобили, работниците престануваат со работа, службениците стануваат од своите бироа и застануваат мирно. Ова не е филмска анимација, ова е Бугарија. Тоа се Бугарите кои во овој момент му оддаваат почит на Христо Ботев и на сите паднати за слободата на Татковината. Уникатна бугарска традиција која ја чуваме, бидејќи за таа една минута со звукот на сирените, пред нашите очи поминуваат цела галаксија личности од нашиот пантеон. Стоиме тивко и сфаќаме како се мериме со нив“, рече во својот говор амбасадорот на Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов.

Тој ги цитира зборовите на Јаворов дека Ботев е „еманација на бугарскиот гениј“. Дипломатот додаде дека за Ботев се пишува толку многу што станува сè потешко да се најдат вистинските зборови за да се опише, па затоа го цитираше читајќи ја песната на „Хајдути“, завршувајќи со зборовите: Слава на хероите кои загинаа за тоа што добро или лошо сме ние денес и нашата денешна земја, и затоа е нашата почит кон нив.

На барелефот на поетот, поставен на влезот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, во име на Амбасадата и Бугарскиот Културно-Информативен Центар, беа поставени букети свежо цвеќе.