„По молкот на институциите и одредени општествени актери во врска со реакцијата на ДУИ за очигледната дискриминација во распределбата на средствата за култура, принудени сме да се обратиме уште еднаш јавно до свеста на општеството. Наместо културната политика да служи како мост на поврзување меѓу различните заедници, во Северна Македонија се спроведува политика на културна нееднаквост, која систематски ја потиснува албанската културна продукција“, велат од ДУИ.
„Ова не е политички став – ова се официјални бројки од Министерството за култура.
Факти што не смеат да бидат игнорирани
Новата Годишна програма за култура за 2025 година открива екстремна нерамнотежа во распределбата на државните средства:
Театар и сценски уметности: Македонските проекти добиле 40 милиони денари, албанските помалку од 10%.
Музика и фестивали: Македонските проекти добиле 52 милиони денари, албанските само 7,5 милиони денари.
Издаваштво: Финансирани се 320 книги на македонски јазик со 39,5 милиони денари, додека само 60 книги на албански јазик добиле 6,6 милиони денари.
Визуелни уметности: Поддржани се 120 македонски проекти, наспроти само 16 албански, без значајни инвестиции за албанските уметнички институции.
Културна инфраструктура: Албанските културни институции остануваат без финансиска поддршка, што директно го загрозува нивното функционирање.
Ова не е случајност. Ова е системска политика на елиминирање на албанската култура од институционалната поддршка.
Дали ова е „држава еднаква за сите“?
Оваа состојба не може да се минимизира ниту да се игнорира. Културата е идентитет, културата е интеграција, културата е заедништво.
Ако институциите навистина веруваат во мултиетничка држава, тогаш треба да покажат дека државата подеднакво ја поддржува културата на сите нејзини граѓани.
Принципите на праведност и еднаквост во распределбата на државните фондови не се само прашање на култура – тие се тест за демократските вредности на земјата.
Јавен повик за корекција на оваа неправда.
Затоа, јавно бараме:
Министерството за култура да даде јасно образложение за критериумите за распределба на средствата и причините за ваквиот дисбаланс.
Итно преиспитување и корекција на Годишната програма за култура за 2025 година, за да се осигура дека сите заедници добиваат праведна поддршка.
Северна Македонија, како држава што стреми кон членство во Европската унија, мора да покаже дека може да обезбеди правичност, транспарентност и еднаков третман за сите заедници. Во спротивно, не зборуваме за европски вредности, туку за институционализирана дискриминација. Молкот не е одговор. Молкот е одобрување“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Текстот „Во Северна Македонија се спроведува политика на културна нееднаквост, која систематски ја потиснува албанската културна продукција“, велат од ДУИ е превземен од МАКФАКС.