Бројот на туристите во септември годинава изнесува 103 787, од кои 32,9 проценти се домашни, а 67,1 процент се странски. Во септември официјално се регистрирани 221 927 ноќевања, од кои 36,9 проценти од домашни туристи, а 63,1 процент од странските, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Од вкупно евидентираните 69 633 странски туристи, најбројни се од Турција. 11 187, по што следат тие од Србија, 7 617, од Полска, 4 647, Германија, 4 314, Бугарија, 2 900, Грција, 2 485…

Во септември годинава, езерските места ги посетиле 46 594 туристи, во Скопје се регистрирани 35 729, планинските места 4 649, бањските 3 276, а други места посетиле над 13 000 туристи. Хотелско сместување користеле 85 498 туристи, од кои 24 114 одбрале хотели со пет ѕвезди. Во куќи, станови за одмор и соби за издавање се сместиме 12 183, а по околу илјада туристи користеле кампови, преноќишта и бањски лекувалишта.

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, во периодот јануари – септември годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 37 проценти, при што кај домашните туристи има зголемување за 4,3 проценти, а кај странските зголемувањето е за 88,2 проценти.

Во периодот јануари – септември 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 21,3 проценти, кај домашните туристи има зголемување за 2,4 проценти, а кај странските зголемувањето е за 76,2 проценти.