Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот претходник Доналд Трамп одржаа митинзи, додека кампањата за изборите што би можеле да го преобликуваат Конгресот влезе во последниот ден. Бајден и Трамп ги упатија своите последни апели до гласачите во Њујорк, односно Флорида.

Имено, републиканците се обидуваат да ја одземат контролата врз двата дома на Конгресот од власта на владејачките демократи. Републиканците се сметаат за фаворити за победа во Претставничкиот дом, но победата во Сенатот според анкетите сè уште носи многу дилеми. Републиканска контрола врз еден дом во Конгресот би претставувала голема пречка за законодавната агенда на претседателот Бајден. Со завршувањето на кампањата денеска, демократите на Бајден се спремаат за порази дури и во делови од државата каде што обично имаат добри резултати.

Бајден вчера митингуваше пред гласачите во Њујорк за поддршка на гувернерката Кети Хочул, која како противник го има републиканскиот кандидат Ли Зелдин, поддржан од Трамп. Хочул доби поддршка од некои од најистакнатите демократски фигури – од поранешниот претседател Бил Клинтон, потпретседателката Камала Харис и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон. За време на говорот, Бајден рече дека изборите се „пресвртница“ што ќе ја дефинира американската политика во следните 20 години. Тој им рече на американските гласачи дека ќе избираат помеѓу две фундаментално различни визии за Америка. Во меѓувреме, неговиот претходник Доналд Трамп учествуваше на митинг во Мајами, за поддршка на Марко Рубио, кој се кандидира за уште еден мандат.

Поранешниот американски претседател повеќе од еден час ги критикуваше демократите, обвинувајќи ги дека ја водат земјата кон „комунизам“. Трамп, исто така, повторно навести дека ќе се кандидира за претседател во 2024 година, повикувајќи ги гласачите да очекуваат тој да присуствува на митингот во понеделник во Охајо. Анкетите покажуваат дека демократите најверојатно ќе го загубат мнозинството во Претставничкиот дом.

Контролата на Сенатот најверојатно ќе зависи од резултатите од блиските трки во Пенсилванија, Џорџија и Невада. Повеќе од 40 милиони гласачи веќе гласале на конгресните избори, што според експертите е поголем број отколку на изборите во 2018 година. Но, на гласачките ливчиња по пошта обично им треба подолго време за да се пребројат отколку редовните гласачки ливчиња, поради што резултатите во многу држави не се конечни во вторник навечер. Во многу клучни држави, како што се Висконсин и Пенсилванија, на изборните службеници не им е дозволено да почнат да ги бројат гласовите до денот на изборите.

Алсат