Во сабота, на 31.01.2026 година, во 12:00 часот, „Стоп за Усје“ излегува на протестен марш кој ќе почне пред Владата, ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Ги повикуваме сите граѓани, кои сакаат да се изборат за правото на чист воздух, да се приклучат на овој марш. Меѓу другото ги повикуваме институциите будно да ја следат состојбата и бурно да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните! „Стоп за Усје“ веќе ги испрати своите барања до низа институции, но никој од нив не се одважи да даде било каков одговор. Затоа, одговорите ќе ги бараме повторно на улица“, се вели во најавата.
Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека на протестите се забранети партиска промоција и симболи, а истовремено апелираат на мирен протест, без насилство и говор на омраза.
„Повикуваме на масовност за сите заедно да кажеме СТОП за труењето од УСЈЕ кое нè засега сите. Сакаме да нагласиме дека ниту една лага и манипулација од Усје и надлежните, кои со сите сили се обидуваат да го одбранат неодбранливото, нема да помине и дека сè додека нè уверуваат во бројки од мерењата кои ги прави самата фабрика, отпорот нема да се смири! Се гледаме во сабота, за да покажеме дека гласот на граѓаните е поважен и посилен отколку нечии бизнис интереси!“, пишува во најавата.
Текстот Во сабота протестен марш „Стоп за Усје“ е превземен од МАКФАКС.























