Од синоќа на полноќ до сабота во 19 часот на територијата на државата е прогласен изборен молк поради локалните избори во Тетово,Маврово-Ростуше и Центар Жупа.

За време на молкот престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања. Во Центар Жупа денеска ќе гласаат 29 болни и немоќни лица

– Пред утрешниот, саботен изборен ден за градоначалник, во Општина Центар Жупа денеска, во домашни услови, правото на глас треба да го остварат 29 болни и немоќни лица.

-Според утврдениот план, од 14 часот определените избирачки одбори ќе ги посетат 29-те болни и немоќни лица, за да го остварат правото на глас. Барања имавме од 32 лица, но на три од нив не им беа прифатени истите бидејќи не беа запишани во единствениот избирачки список, изјави за МИА, Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија.

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека 93 лица денеска гласаат во своите домови кои се пријавиле како болни или немоќни. Од нив 29 во Центар Жупа, 40 во Маврово и Ростуше и 24 во Тетово.

Денеска гласаат и 94 гласачи кои се издржување казна затвор или се во притвор во некоја од казнено-поправните установи, и тоа во КПД Идризово 56 гласачи, во Затвор Тетово 23 гласачи, во КПД Штип двајца гласачи, во Затвор Струга еден гласач и во Затвор Скопје – Шуто Оризари 12 гласачи.

Гласачките места во казнено поправните установи се отворени на време и гласањето тече без проблеми.

Гласањето во овие три општини ќе се одива утре на 172 избирачки места, коишто треба да бидат отворени во 7 часот, а ќе се затворат во 19:00 часот.