Фондот за здравствено осигурување информира дека во руралните подрачја недостасуваат 52 матични лекари.
„Во моментот од 96 планирани матични лекари во рурални подрачја, функционираат 44, а недостасуваат 52“, изјави директорот на Фондот, Сашо Клековски.
Тој најави дека Фондот има намера да спроведе измени на Правилникот ќе овозможат дополнителна либерализација на критериумите, отстранување на постојните пречки и олеснување на отворањето нови ординации во руралните средини каде што се најпотребни.
„Во рамки на оваа иницијатива, Фондот ги повикува: матичните лекари кои веќе работат во рурални ординации; докторите заинтересирани да работат во рурални средини, но ограничени од моменталните услови во Правилникот; и жителите на руралните подрачја, да ги достават своите мислења, предлози и сугестии за измените на Правилникот. Предлози може да се испратат до 1 ноември 2025 година на е-пошта: [email protected]. Сите пристигнати предлози ќе бидат внимателно разгледани од посебна комисија задолжена за подготовка на измените. Доколку се во согласност со законската регулатива, предлозите ќе бидат вградени во новиот Правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива“, рече Клековски.