На спомен-обележјето кај Ротимље каде што се случи несреќата, свежо цвеќе положија и претставници од владината делегација составена од: министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, полковник Билјана Блажеска, претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, пратеници од македонското собрание, како и претставници од Армијата на Република Северна Македонија, ЕУФОР-БиХ.
Од име на Владата на Република Северна Македонија, а во чест и спомен на поранешниот претседател Борис Трајковски, пригодно обраќање имаше шефот на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Пред спомен-обележјето, заедно со македонската делегација почит оддадоа и високи претставници од Босна и Херцеговина и од градот Мостар.
На денешен ден, 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа загинаа поранешниот претседател Борис Трајковски и осумчлената делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија: портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.