Во пресрет на 29. Министерски совет на ОБСЕ, што ќе се одржи утре и задутре во Лоѓ, Полска, денеска министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Полска и Шведска, Бујар Османи, Збигњев Рау и Тобиас Билстром одржаа состанок како дел од Тројката претседавачи со ОБСЕ. На средбата учествуваше и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит.

Како што се посочува во соопштението од МНР, во фокус на координативниот состанок било изнаоѓањето на континуитет на заедничката работа и решенија за справување со актуелните ситуации, предизвикани од агресијата од страна на Русија врз Украина.

Во овој контекст, министерот Османи зборувал за заложбите на земјата при своето претседавање со ОБСЕ од први јануари 2023, за да ги врати на виделина темелните вредности на ОБСЕ, како уникатна платформа за комуникација и дијалог, со цел намалување на тензиите, поттикнување на предвидливоста и одржливоста.

-За време на нашето претседавање ќе се фокусираме во зачувувањето на клучните вредности и принципи на ОБСЕ, продолжувајќи да направиме разлика на терен и да ја вратиме стабилноста преку ревитализација на дијалогот, истакнал Османи.

На денешната агенда на Османи во Лоѓ, беше и ОБСЕ- Паралелната конференција на цивилното општество 2022, што се одржа на Универзитетот за технологија. Во обраќањето, Османи нагласил дека соработката на ОБСЕ со невладиниот сектор ќе биде еден од клучните темели во 2023 година.