Со приближувањето на парламентарните избори, политичките партии во Бугарија продолжуваат да ги зацврстуваат своите негативни ставови кон Македонија. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, рече дека Бугарија еден ден ќе каже „ДА“ за почеток на преговорите, но само по завршувањето на антибугарската кампања и омраза. Захариева, сепак, го критикуваше пристапот на коалицискиот партнер Красимир Каракачанов, барајќи соседските односи да не станат дел од изборната кампања.
„Таму може да се добијат избори со антибугарска реторика. Во Бугарија може да има одобрување на нашата позиција, но тоа не значи дека само поради оваа причина некој може да победи на изборите. Во Бугарија, фала му на Бога, изборите не се добиваат противејќи се на соседите. Така и треба да биде“, вели Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија.
– Advertisement –
Претседателката на бугарската опозиција, Корнелија Нинова, вети дека ќе ги заштити бугарските интереси доколку победи на изборите.
„Бугарските национални интереси ќе бидат категорично заштитени. Македонија не може да стане членка на ЕУ, за сметка на националните интереси на Бугарија“, рече Корнелија Нинова, претседателка на Социјалистичката партија на Бугарија.
Скопје и Софија разменија нацрт акциони планови за спроведување на Билатералниот договор од 2017 година, и работат на негово усогласување. Најавена е заедничка меѓувладина средба, но датумот сè уште не е утврден.
Анеса Салиху