Бројот на жртви во најголемиот пожар во Хонгконг во последните речиси 80 години се искачи на 128, а околу 200 лица сè уште се водат како исчезнати од запалениот станбен комплекс, изјави денес безбедносен службеник. Пожарот во комплексот Ванг Фук Корт, кој се состои од осум облакодери од 32 ката во северниот округ Таи По, избувна завчера попладне.

Службеникот за безбедност на Хонгконг, Крист Танг, на прес-конференција изјави дека системите за противпожарен аларм во комплексот не работеле правилно. Спасувачките напори се завршени и најмалку 79 лица, вклучувајќи 12 пожарникари, се повредени, рече тој. Комплексот, со повеќе од 4.600 жители, беше покриен со бамбусови скелиња и зелени заштитни мрежи.

Полицијата соопшти дека уапсила тројца службеници на градежна компанија под сомнение за убиство од небрежност, бидејќи биле користени небезбедни материјали, вклучувајќи запаливи стиропорни плочи што ги блокирале прозорците.

Додека пожарникарите денес се бореа со пожарот гаснејќи ги сè уште тлеечките згради, семејствата имаа тешка задача да ги прегледаат фотографиите од мртвите направени од спасувачите. Мира Вонг, чии родители живееле во Ванг Фук Корт, чекаше вести за својот татко.

„Тукушто видов фотографија што можеби е телото на мојот татко. Неговото тело сè уште е исчезнато“, рече 48-годишната Вонг. Друг жител, кој не сакаше да биде именуван, рече дека сопругата на нејзиниот пријател е меѓу исчезнатите.

„Рационално кажано, тоа значи дека нема надеж. Но, телата сè уште треба да се пронајдат, нели? Ова е премногу тажно. Кога станува збор за луѓе што ги познавате, тоа е уште поболно“, додаде таа. Десетици домашни работници од Филипините беа убиени во катастрофата, а 19 сè уште се водат како исчезнати, рече Едвина Антонио, раководител на засолништето за мигранти „Бетун Хаус“.

Индонезискиот конзулат соопшти дека двете починати индонезиски државјанки работеле и како собарки. Хонгконг има околу 368.000 работници во оваа професија, претежно жени од посиромашните азиски земји кои живеат со своите работодавци.

Ова е најсмртоносниот пожар во Хонгконг од 1948 година, кога 176 лица загинаа во пожар во магацин. Компаниите што ја покриле надворешноста на зградите со запаливи материјали беа обвинети за пожарот, како и владата и градежниот сектор.

Полицијата уапси двајца директори и еден инженерски консултант од „Престиж Констракшн“, за која владата рече дека го одржувала Ванг Фук Корт повеќе од една година.

„Имаме причина да веруваме дека одговорната компанија била крајно небрежна, што довело до несреќата и неконтролираното ширење на пожарот, што пак резултирало со големи жртви“, изјави вчера полициската началничка Ајлин Чунг.

„Престиж“ не одговори на повторените повици за коментар. Полицијата заплени голем број документи, вклучувајќи список на вработени, четиринаесет компјутери и три мобилни телефони при претресот на канцеларијата на компанијата, додаде владата.

Службата за градско планирање дискутираше за постепено заменување на бамбусовото скеле со метално скеле за безбедност. Лидерот на Хонгконг, Џон Ли, рече дека владата ќе формира фонд вреден околу 33,2 милиони евра за да им помогне на жителите, а некои од најголемите кинески компании објавија донации.

Втората ноќ по пожарот, десетици евакуирани лица спиеја на душеци во блискиот трговски центар, а многумина од нив рекоа дека местата во официјалните центри за евакуација треба да бидат резервирани за оние на кои им е потребна помош. Луѓето, од постари лица до ученици, се завиткаа во јоргани и се натрупаа во шатори пред ресторани и продавници, додека волонтерите делеа грицки и неопходни работи.

Хонгконг, еден од најгусто населените градови во светот, е полн со висококатници. Екстремно високите цени на недвижностите долго време се извор на социјално незадоволство, а аналитичарите велат дека трагедијата би можела да го зголеми презирот кон властите и покрај напорите за консолидирање на политичката контрола.

 

Текстот Во пожарот во Хонгконг загинаа најмалку 128 луѓе, семејствата на исчезнатите губат надеж е превземен од МАКФАКС.