Во поклоничка посета на Бигорскиот манастир деновиве престојуваа верници од Тирана, предводени од отец Илија Мазнеку,  Македонец по потекло од Голо Брдо, информираа од манастирот.

– Во духот на заедничарењето во љубовта Христова, Бигорската Свештена Обител беше почестена со посетата на триесетина млади православни богољубиви души од Тирана, Албанија. Овие благочестиви поклоници, жедни за преслатката наука Христова, пристапиле кон ова поклонение со огромна желба да се сретнат и да поразговараат со нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, за кого, според нивното сведоштво, со духовна наслада слушале и читале, па посакале и лично да го запознаат, велат од манастирот.

Додаваат „ваквите нивни ревност и копнеж по Христа, Старецот ги пресретна со отворено татковско срце, така што ги пречека со големо достоинство и радост“.

– Прво, во сечесниот храм на Чесниот Претеча, а потем и во гостоприемната одаја. На групата, предводена од благоговејниот презвитер отец Илија Мазнику, повеќегодишен пријател на Старецот и на Бигорски, им беше раскажана историјата на Манастирот и на Светињите во него. На младите Христијани од Тирана, Владиката г. Партениј, од своето сочувствително родителско срце, им излеа вдахновени зборови на мудрост, утеха и поучение, како тивки води на спокојот за ожеднетите патници низ пустината на овој свет, нагласуваат од Бигорски.

Тие имале можност и лично да поразговараат со владиката Партениј и да го прашаат за разни теми од духовниот живот.

Во знак на благодарност и голема почит му подариле слика со негов портрет и манастирот во позадина.

За време на престојот ја посетиле и Бигорската книгохранителница и манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица, а потоа отпатувале во посета на Охрид.