Во присуство на шефот на грчката и кипарската дипломатија Никос Дендиас и Никос Хрисодулидис, кои ќе отпатуваат за Србија, во понеделник во Белград ќе се одржи и првата трилатерална средба меѓу Грција, Кипар и Србија, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Папајоану, на денешниот редовен брифинг со новинарите, информираше дека Никос Дендиас ќе отпатува за Србија каде што ќе се сретне со српскиот државен врв, вклучувајќи ги претседателот, шефот на дипломатијата, претседателот на Собранието, како и со новиот патријарх.
Според Папајоану, за време на посетата ќе стане збор за зајакнување на билатералната соработка, а грчката страна „ќе ја повтори целосната поддршка на европската перспектива како на Србија, така и на земјите од Западен Балкан“.
Заедно со Дендиас, за Белград ќе отпатува и заменикот МНР на Грција Костас Франкојанис за да разговара за економските односи меѓу двете земји.