Потрошувачката платформа „Ало, инспекторе“ најави обновен генерален бојкот на продавниците и услугите поради рекордни цени за петок, 7 февруари и седумдневен бојкот на еден малопродажен синџир од сабота.

Јосип Келемен, советник на платформата „Ало, инспекторе“, рече дека Србија, Босна и Херцеговина, Македонија повторно ќе бојкотираат, а ќе се приклучи и Косово.

„Потрошувачите побараа од нас да не се откажуваме и да продолжиме понатаму. Почнуваме сè повторно: од трговски синџири, пекари, услуги, производи“, изјави Келемен за новинарите во Загреб.

Тој најави дека овој петок ќе се бојкотира секоја форма на купување производи и услуги, а од сабота ќе се одржи и бојкот на еден малопродажен синџир. Граѓаните ќе одлучат за кој ланец ќе биде тоа во анкета објавена на Фејсбук страниците на платформата.

Келемен додаде дека анкетата отворена денеска побудила голем интерес кај граѓаните поради што двапати „падна серверот“.

Според него, трговците не ја разбрале пораката од претходните два генерални бојкоти.

Во Хрватска денеска завршува седумдневниот бојкот на три трговски синџири: Лидл, Еуроспин и ДМ и три производи – флаширана вода, газирани пијалоци и детергенти.

Бојкотите беа поддржани од синдикатите, опозицијата и владата.

Како мерка за помош на граѓаните во борбата против високите цени, Владата одлучи да ја прошири листата на производи со ограничени цени на 70 производи, наместо досегашните 30.

Премиерот Андреј Пленковиќ рече дека државата реагирала, но дека сега мора да се вклучат и други, оценувајќи дека „никој немаше да банкротира ако цените беа малку поумерени“.

Хрватските медиуми пишуваат дека многу хрватски граѓани кои живеат во пограничните области на земјата се повеќе избираат да купуваат во Словенија и Италија, каде што цените на разни стоки се пониски.