Разликите на Западниот Балкан може да се надминат само преку меѓусебно запознавање, дружење и поврзување на луѓето и нивно насочување кон заедничката цел за изградба на подобра и мирна иднина, оценија учесниците на првата Младинската академија „Состојба на мирот“ што изминативе две недели во организација на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина се одржа во босанските градови Тузла, Брчко, Сараево и Витез.
На Академијата, организирана во соработка со Центарот за постконфликтно истражување, учествуваа 50 млади луѓе од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Црна Гора, кои преку уметност, дружење и патувањa учеа за меѓуверскиот дијалог и толеранција, помирувањето, образованието, меѓусебната комуникација, граѓанскиот активизам и заштитата на човекови права. Tие присуствува на четири богослужби во објекти на различни религии и посетија над десет различни културни институции и споменици.
Порпаролот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Фердинанд Кениг изрази задоволство што Aкадемијата собра млади луѓе од четири земји од Западен Балкан на дружење и учење во Босна и Херцеговина.
– Мотото на ЕУ е „Единство во различностите“ и ние сме сигурни дека пријателствата што беа создадени за време на Младинската академија ќе траат долго во иднина и ќе продолжат да им даваат на учесниците нови перспективи и да ги разбиваат предрасудите, порача Кениг по повод завршувањето на Академијата.
Академијата е замислена како едукативна платформа насочена кон премостување и надминување на националните и верските разлики и спречување на идни конфликти.