Советниците од ДУИ, но и оние од СДСМ, не ја подржаа декларацијата на Алијанса за Албанците, со која се бараше, советот на општината Струга да се огради од струшкиот градоначалник Мерко, кој од страна на Американскиот Стејт Департмет беше прголасен за персона нон грата, поради корупција и мешање во судски одлуки. По ваквиот став на ДУИ и СДСМ, опозициските советници од Алијанса, ВМРО-ДПМНЕ и Беса ја напуштија седницата, јавува Алсат.

„Изјавуваме дека граѓаните на Струга преку нашите политички преставници во Советот на општината Струга на ниеден начин и услов не се инволвирани во значителна корупција, злоупотреба на јавни фондови, мешање во судски и други јавни постапки и оштетување на довербата на јавноста во демократските институции и функционери во државата за што е обвинет градоначалникот Рамиз Мерко од Стејт Департментот на САД и дека ние граѓаните на Струга се оградуваме од вакви и други девијантни дејствија на градоначалникот“, пишува во Декларацијата.

„Воедно го повикуваме градоначалникот Рамиз Мерко, веднаш да поднесе оставка од функцијата градоначалник на Струга, со единствена цел надлежните институции самостојно и без притисок да ја вршат својата истражна дејност…“, рече Нијази Џумкар-советник на Алијанса за Албанците.

Поддршка за декларацијата дадоа од Беса и ВМРО ДПМНЕ кои побараа наместо молк, итна реакција на надлежните институции.

„Го повикувам и министерот Спасовски да не се занимава со зумирања и фотографирања на настани во Тетово, туку да дојде овде во Струга и да постапи според законот“, рече Фатмир Емуш-советник на БЕСА.

„Остануваме на ставот дека ние како совентичка група инсистираме на суштествена, а не само на декларативна одговорност и тоа не само на градоначалникот, туку на сите советници кои гласале за сите негови иницијативи, предлози и одлуки, иако знаеле дека се спротивни на законските обврски. Тие советници во никој случај не смеат да бидат амнестирани од одговорност“, рече Ален Деребан-советник на ВМРО ДПМНЕ.

Декларацијата ќе биде проследена до сите релевантни институции за спроведување на законот во земјава, како и до амбасадите на САД, Велика Британија и ЕУ. Алсат побара став од општинските советници на СДСМ и ДУИ, но тие не сакаа да зборуваат.