Во периодот од 01 до 31 октомври, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 16.801 издадени платни налози, 4.821 прекршок се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 121 лице, од кои 94 за возење под дејство на алкохол, четири поради возење под дејство на дрога и психотропни супстанци или прекурсори, 15 за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, осум за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на месец октомври евидентирани се 4.165 прекршоци за неправилно паркирање, 1.888 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 373 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 111 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 232 пешаци и 63 возачи на електрични тротинети.
Исто така санкционирани се 942 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 480 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 176 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 145 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии), а еден возач поради неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата (флешери).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Текстот Во октомври казнети 16.801 возачи, 232 пешаци и 63 возачи на електрични тротинети е превземен од МАКФАКС.























