Споделување најдобри практики за медиумска писменост во образованието, препознавање и справување со дезинформациите и лажните вести, како и стекнување основи по прашањето на кибер-безбедноста, се главните теми на Технолошкиот камп што во организација на Центарот за иновации и дигитална едукација ДИГ-ЕД (https://dig-ed.org/mk/) од Скопје, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје и тимот на „TechCamp на“ на Стејт департментот на САД, од денеска се одржува во Охрид.

Четириесет наставници и осум ментори од САД, Обединетото Кралство, Грузија и од земјава ќе бидат дел од обуката.

– Еден од најдобрите начини за справување со дезинформациите е луѓето да развијат вештини за нивно препознавање и стекнување медиумска писменост, рече Џесика Меккју, постар програмски менаџер на тренинг-кампот.

Таа појасни дека целна група на односната обука се наставници од сите предметни области во основното образование заинтересирани за инкорпорирање на технологијата и вештините за медиумска писменост во нивната наставна практика.

– На овие обуки работиме на зајакнување лични вештини и капацитети преку тренинг-сесии наставниците да се запознаат со самата обука. Потоа што следуваат вежби и процес на препознавање на предизвиците, како и презентирање идеи и проекти што би можеле да бидат корисни во справувањето со дезинформациите, а за што се предвидени и мали грантови. Со нив наставниците ќе научат за предизвиците и за начините како да се справуваат со нив, како и да изнајдат проекти што би биле интересни и релевантни за нашата средина. Преку вмрежување и меѓусебно запознавање учесниците ќе можат да разботаат на теми од нивен интерес, сето поддржано од експерти по проблематиката, рече таа.

Нејзиниот колега, Нолан Херин, рече дека тренерите што ќе го водат кампот ќе одржат предавања за искуствата и практиките по прашања од областа на кибер-безбедноста, вештачката интелегенција како глобално прашање, прашањето на дигитална писменост.

– Имаме спроведено повеќе слични кампови низ повеќе земји, но оваа е прв од ваков тип, на кој целна група се наставници. Вообичаено работиме со новинари, овојпат работиме со едукатори кои би им помогнале на наставниците на начин што би им дале алатки што би им ги пренеле на учениците како би ги препознале дезинформациите и се справиле со истите, рече тој.

Во рамки на настанот ќе се одржат седум практични работилници, со кои се поврзуваат ментори од приватниот сектор, академијата и невладини организации со македонските едукатори. Покрај учество на работилниците, учесниците на кампот ќе работат во мали групи за да развијат практични иновативни решенија поврзани со најновите трендови и најдобри практики во образованието за медиумска писменост, борба со дезинформациите и лажните вести, како и основите на кибер-безбедноста.