Цените на нафтата, на светските пазари, пораснаа минатата недела благодарение на надежите на трговците дека кинеската побарувачка ќе се зголеми бидејќи се очекува забрзување на растот на втората по големина светска економија.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 3,2 отсто, на 85,83 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,4 отсто, на 79,68 долари. Растот на цените најмногу се должи на подобрите од очекуваните макроекономски показатели од Кина кои упатуваат на забрзување на растот на втората по големина економија во светот, по подолг период на слабост.
Бидејќи Кина е најголемиот увозник на нафта во светот, трговците очекуваат зајакнување на побарувачката. Кинескиот увоз на руска нафта по морски пат би требало да достигне највисоко ниво од следењето на податоците во март, проценуваат трговците.
Од друга страна, растот на цените на енергијата ги ограничува напорите на централните банки на западните земји да ја потиснат инфлацијата, односно да ја ослабат потрошувачката на населението и да го забават растот на економиите. А тоа секако би ја ослабело и побарувачката за „црното злато“.
Бидејќи инфлацијата во САД останува висока, а економијата постојано расте, проценките за зголемување на каматните стапки на американската централна банка се зголемија.