Не стивнуваат реакциите во јавноста по новото интервју на принцот Хари со Опра Винфри како дел од серијата „The Me You Can’t See Me“, во кое тој повторно упати бројни обвинувања против своето семејство…
По гостувањето на подкастот на Дакс Шепард, во кој тој повторно го нападна кралското семејство, принцот Хари продолжува да ја шокира јавноста.
Имено, тој повторно се здружи со Опра Винфри, во рамки на емисијата „The Me You Can Not See“, што се емитува на „AppleTV+“.
Во серијалот посветен за подигнување на свеста за проблемите со менталното здравје, Хари повторно изнесе голем број обвинувања против неговиот татко, но и целото кралско семејство, додавајќи дека тие се главната причина за неговото заминување од Лондон и Велика Британија.
„Чувството на тоа заробеништво во семејството… Едноставно не постоеше опција за заминување. Дури и кога му кажав на моето семејство за мојата одлука, тие ми рекоа дека не можам да го направам тоа. Се прашував до каде е дозволено такво нешто. Меган сакаше да стави крај на својот живот. Никогаш не требаше да дојде до тоа“, откри принцот Хари, повторно предизвикувајќи бурни реакции во јавноста.
Британската јавност се прашува што навистина Хари сака да постигне со ваквите изјави бидејќи ова ќе предизвика само дополнителен раздор во веќе нарушените односи со неговиот татко, брат, баба и остатокот од семејството, а во коментарите на социјалните мрежи многумина не штедеа на критиките кон Хари и неговите навидум постојани обвинувања.
Принцот Хари истакна дека неговата сопруга Меган го охрабрила да побара помош.
„Одев кај лекари, терапевти, алтернативни лекари. Посетив многу луѓе, но дури откако ја запознав Меган ми стана јасно дека ако не одам на терапија и не работам на моето закрепнување, ќе ја изгубам жената со која сакам да го поминам остатокот од мојот живот“, вели тој.
Во емисијата беа прикажани и снимки од малиот Арчи Харисон Маунтбатен-Виндзор, кој неодамна наполни две години.
Преслаткото момче ужива на брегот на океанот со својата мајка Меган и нивното куче. Во текот на летото Арчи ќе стане и поголем брат бидејќи Меган Маркл и принцот Хари го очекуваат своето второ дете.
Инаку, првата епизода од документарецот е достапна на „AppleTV+“ од 20 мај, а освен Хари, се појавуваат и Опра, Лејди Гага и Глен Клоуз со своите потресни приказни.