Основните училишта во Тетово ги завршија подготовките за добар почеток на учебната година, особено за прво и четврто, но и за второ и петто кои годинава, мора да почнат со реформираниот образовен систем. Тоа подразбира дигитализација на учебниците и учење преку смарт табли и таблети. Директорот на ОУ „Истигбал“ вели дека покрај обуката на дел од наставниците, училниците се опремени и со паметни табли, таблети и проектори.

„За време на распустот имавме неколку обуки организирани од Бирото за развој на образованието поточно, на 28-29 ќе има наставници од петто одделение кои ќе се обучуваат за дигитализација на училишните учебници, што вклучува дигитално читање и слушање. Како училиште, од Министерството за образование опремени сме со табели и таблети за секој ученик, додека професорите по информатика ги опремуваат учениците со потребните програми и кодови кои мора да ги има секој ученик, а на 1 септември подготвени сме да ја започнеме учебната година“, изјави Реџеп Халили. Директор на ОУ „Истигбал“.

Единствен проблем и годинава е немањето учебници по некои предмети. За тоа, од Бирото за развој на образованието велат дека подготвиле копирани материјали кои ќе се користат околу два месеца, додека не пристигнат потребните учебници од Министерството за образование.

„Ќе има наставни материјали што ги подготвивме, при крај сме со тоа, а од почетокот на учебната година учениците ќе ги имаат наставните материјали пред себе. Сепак, сите тие се во рамките на новите образовни програми. Делот од книгите кои ќе недостасуваат, имаме делови од книгите, односно наставен материјал за одредено време за првите два-три месеци од почетокот на годината, тогаш веруваме дека учебниците ќе бидат готови, за да ја продолжиме учебната година понатаму“, рече Ајше Селмани, Одговорна на Бирото за развој на образованието во Тетово.

Инаку, пред извесно време Министерството за образование донесе одлука за промени во основното образование, поточно за дигитализација на некои предмети и учебници. Првично овие реформи почнаа во прво и четврто одделение каде предметите се предаваа преку електронски уреди, додека од оваа година, истиот систем со одредени дополнувања ќе започне и во второ и петто одделение, каде дел од предметите ќе се предаваат дигитално.