Во Неготино спуштените тротоари за лица со инвалидитет ќе бидат изработени согласно на проектот, информираа денеска од Службата за информирање при неготинската локална самоуправа.
– Општина Неготино ги информира граѓаните дека при извршување на градежните работи за реконструкција на тротоари на улица „Маршал Тито“ и изведување на спуштени тротоари за полесно движење на лицата со инвалидитет, е дојдено до пропуст при реализацијата на спуштените тротоари и изведувачот на работите е известен веднаш по забележувањето дека не се работи според проектот, соопштија од прес-службата.
Оттаму појаснија дека информацијата од страна на стручните служби при Општина Неготино, до изведувачот, со реакција за пропустите е доставена пред две недели кога впрочем е констатирано дека работите не се одвиваат согласно проектот.
– Ги известуваме сите заинтересирани и граѓаните кои реагираат на неправилностите кои се регистрирани и од наша страна, дека изведувачот има преземено обврска и дека спуштените тротоари за лица со инвалидитет ќе бидат изработени согласно проектот и пропишаните стандарди, нагласија од Службата за односи со јавноста при Општината.























