Вработените во сите инспекторати во државата сè уште чекаат плата иако измина законски предвидениот рок за исплата. За доцнењето на платата денес извести претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, на протестот за повисоки плати пред Државниот завод за статистика.
„Сакам да ве информирам дека во овој момент 988 вработени сè уште немаат добиено плата за декември. Се работи за вработените во сите инспекторати во државата. Поради доцнење на Министерството за финансии, кое навреме не си ги презеде своите обврски, а во согласност со законските измени, 988 вработени оставени се без плата, без вратени кредити и без платени сметки во најдолгиот месец од годината. Вчера, истече и законскиот рок за исплата на плата, која се исплаќа најдоцна до 15 во месецот и сè уште нема информација кога и дали вработените во инспекторатите ќе ги добијат своите плати“, рече Деаноски.