По стомачните тегоби кај десетици ученици во „Димо Хаџи Димов“, инспекциите утврдија нехигиена на чешмите во училниците и кујната. На Клиниката за детски болести моментално се лекуваат седум деца.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во примерок од мусаката која се служела во првата смена биле пронајдени грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae. Исти бактерии, кои се индикатор на фекална контаминација, се откриени и на три чешми во училиштето – две во училниците и една во кујната.
„Од девет земени површини, три се позитивни – чешмите во две одделенија и една од кујната. Овие бактерии даваат ваква клиничка слика и укажуваат на нехигиена. Донесени се материјали за две деца, од кои едно е позитивно на норовирус. Брисевите од грло и нос од две деца се негативни за ковид, а се чекаат резултати за други вируси“, изјави директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.
Од Институтот додаваат дека бројот на примероци и материјали е голем и дека анализите се во тек. ИЈЗ е во постојана координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за детски болести.
Случајот започна на 26 ноември, кога околу 40 ученици се пожалија на стомачни болки. ЈП „Водовод и канализација“ претходно информираше дека водата во училиштето е санитарно исправна по направените физичко-хемиски и микробиолошки анализи.
Во меѓувреме, инспектори од АХВ спроведоа вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош, кои се снабдуваат од истиот оператор со храна, кој го стопанисува и централниот магацин во „Димо Хаџи Димов“.
Текстот Во мусаката од првата смена пронајдени бактерии, истите откриени и на чешмите во училиштето „Димо Хаџи Димов“ е превземен од МАКФАКС.























