Еден од најголемите напади на достоинството на медиумските работници во земјава е нападот на новинарите и снимателите на 27 април 2017-та во Собранието на РСМ. Дамјан Чунихин е еден од оние сниматели кои беа физички нападнати од толпата која упадна.
„Тие буквално одеа на сите сниматели, сите новинари, вклучително и пратениците. Со секакви предмети со стативи со столици со метални парички со шишиња, буквално со се. Опремата беше оштетена, стативот, камерата за среќа беше во мене, сакаа да ја одземат и неа да стигнат до мене, но не успеаа. Сакаа да ја земат камерата, бидејќи снимките идеа против нив“, истакна Дамјан Чунихин.
Четири години подоцна на Светскиот ден на слобода на медиуми Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски потсетува зошто работите во земјава тешко се мрдаат од мртва точка и што треба да се превземе.
Апелациониот суд да ги преиспита одлуките на основните судови во врска со 27 април и одбивањето на тужбите на новинарите. Да не се дозволи клиенталистички однос помеѓу државата и медиумските газди како во 2009-тата.
ЗНМ бара од Владата формирање на Фонд за проекти од јавен инетерес, со што ќе се поддржат истражувачките и аналитичките стории, приказните од локален и регионален карактер. Измени во Кривичниот законик, со што нападите врз новинари ќе се сметаат како напади врз службени лица. При изборот на членовите на советите на МРТВ и АВМУ да се водат од начелото на професионалност, а не начелото на партиската припадност на кандидатите.
„Тенденција на зголемување на јавните пари во медиумите, блокирани медиумски реформи, недостиг на правда за новинарите. Еден решен случај од 16-тина напади лани. Скандалозни одлуки на судот во врска со 27-ми април и одбиените тужби на новинарите. Затоа на Денот на слободата на медиумите порачуваме: Оставете ги медиумите еднакво да се борат на пазарот, во еднаква конкуренција“, вели Младен Чадиковски.
Волунтаризам и анархија, пливаме во води кои немаат систем – вака ја опишува состојбата во новинарството во земјава долгогодишниот новинар Љубиша Николовски.
„Кога треба новинарот да прашува, коментира, кога треба да коментира презентира лични ставови или ставови на политички партии. Зошто така не знам. Дали предолго време бевме во еден систем кој го нарекувавме режимски во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Тогаш немаше дебата, немаше прашања.Сега има обратна ситуација. Сега како да пливаме во анархична ситуација каде секој може да го каже своето мислење, на начин кој дури на политичари, пратеници, без разлика дали се од власта или опозицијата да им вели „како не ви е срам, тоа не личи на вас.“.. Тоа не е слобода на новинарство и Македонија не треба да се стреми кон таков тип на новинарство“, порача Љубиша Николовски.
Светските организации кои ја мерат слободата се уште еден показател за медиумската стагнација. Северна Македонија се наоѓа на 90-тото место со 31,61 поен или за две места погоре од 2020 година на Светската листа на слобода медиумите што ја изготвува невладината организација Репортери без граници со седиште во Париз.
Први земји на листата по слобода на медиуми:
- Норвешка
- Финска
- Данска
- Шведска
- Холандија
Последни земји на листата по слобода на медиуми:
- Еритреја
- Северна Кореја
- Туркменистан
- Кина