Во земјава се смирува епидемиолошката состојба со Ковид-19 и не е детектирана друга форма на вирусот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, апелирајќи во пресрет на велигденските празници граѓаните да бидат совесни и да ги почитуваат мерките.
Меѓутоа, ако нешто е проширено веќе во европските земји и нема таму помеѓу тие европски земји никакви промени, тоа многу тешко ќе може да се спречи. И тука доаѓа во прв план одговорноста на граѓаните, каква и да е мутацијата, колку и да е пренослив тој сој на вирусот. Во таа смисла нема детектирано кај нас друга форма, освен британска, а тоа го покажуваат и последните анализи, на неколку недели ги прават анализите на геномот во двете лаборатории. Така што остануваме на сегашните мерки, рече Филипче.
Тоа што сега се случува, истакна министерот, оди во насока на смирување на епидемиолошката ситуација, а можност за прекршување на мерките и препораките имаше и досега има и од сега натаму.
Значи тие посети во верски објекти, масовни собирања и тогаш кога не се дозволени во насока на прекршување се секогаш можни и секогаш од таму потекнуваат сите проблеми, во смисла на појава на мини кластери. Мора сите да сме свесни и со сопствeн пример, имајќи ја предвид сопствената одговорност, да постапиме така како што треба во рамки на ова што сега значи живот со мерки, препораки, превенција итн., изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по донацијата од Словачка на Клиниката за детски болести во Скопје.
Според него, граѓаните мора да се свесни што треба да се прави, што не треба да се прави, како самите ќе придонесат за и понатаму епидемијата да спласнува, односно бројките да се намалуваат.
Министерот за здравство потсети на учеството и на верските лидери на неколку заеднички состаноци и апелот верниците да се придржуваат до мерките или се што значи заштита на здравјето на граѓаните.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.