Никица Корубин/Локално
За да може да се оцени изјавата на премиерот Мицкоски, парафразирано дека “тој ќе гради, а нема да руши”; треба прво да дефинираме што подразбираме под терминот “дивоградба”, особено после донесување на Законот за бесправно изградени објекти во 2011 година и неговата улога – “со овој закон се уредуваaт условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти.” Закон кој е менуван 12 пати за постојано пролонгирање на “легализацијата на дивоградбите”. За кои тогаш “дивоградби” може да се говори, кога државата, и сите нејзини институции “утврдуваат правен статус” на “бесправно изградени објекти” и практично ги изедначуваат со легално изградените објекти? Тие се веќе речиси 15 години легализирани, со заедничка партиска воља, и ако сакаме разбирање, а потоа и решение на проблемот, треба работите да ги поставиме на вистинското место: не е прашањето кој има интерес бесправно да гради, туку зошто институциите на државата го штити и легализира тој интерес, а не интересот на граѓаните и на целото општество и за издржана урбанизација, но и за логичен правен систем?
Нема потреба од никаква изјава, за да поттикне или да спречи нешто, ако да факто постои законска регулатива која овозможува константна легализација на бесправно изградени објекти, која е на сила цели 15 години. Тоа е период доволен за да се создаде цела “култура на нелегално градење”, која елегантно ќе биде наречена “утврдување на правен статус”. Затоа и треба да бидеме внимателни со терминот “дивоградба”, затоа што според нашата законска регулатива тие “градби” само чекаат да им “се утврди правниот статус” со константна надеж за пролонгирање на рокот за легализација, во бројните измени на закон, кој од социјален аспект, морал да биде строго временски ограничен, а не да се биде основа и совршен изговор за “урбанизацијата на диво” без контрола, ама законски покриена. Лицемерно е и комично, било која политичка партија, да реагира на оваа тема, која била во позиција кога нејзини членови биле пратеници или министри, и се што направиле е пролонгирање на рокот за легализацијата на бесправно изградените објекти.
Не постои таков бизнис интерес, кој е посилен од позицијата на моќ што ја има било која политичка позиција, која ги создава или ги затвора сите можности за нелегално градење. Подобро е прашањето како е искористена било која политичка позиција, која со себе носи и генерира моќ, да спречи нелегална градба или да создаде услови за истата. За тоа е и пренесениот легитимитет од граѓаните на избори, кон пратениците, а тие кон министрите; каков систем градат преку законски решенија и спроведување на истите, пред кои, било какви бизнис интереси се немоќни. Како и за што ја употребуваат својата политичка моќ, носителите на политички функции? И дали таа кореспондира со изјавите што ги даваат?