Министерот за правда Бојан Маричиќ очекува во мај да има нова измена на Изборниот законик со која ќе бидат имплементирани препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Ќе има измени и на изборниот модел, вели Маричиќ, доколку за тоа постои согласност. Но, опцијата да се избира градоначалник во прв круг, за повеќето партии не е прифатливо.
-Пет и пол месеци пред изборите не е пет минути до 12. Верувам дека во мај ќе имаме изменет Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Дали ќе стигнеме до тогаш да го промениме и изборниот модел, не може од сега да се каже. Но, имаме цел април и делумно мај да ја завршиме оваа дискусија. Ако има разумен пристап, може и до тоа да дојде. Треба да имаме предвид дека изборниот модел во нашиот политички систем секогаш вообичаено се менува со консензус. Затоа, не можеме да наметнуваме решение, рече Маричиќ во вечерашното гостување на Сител телевизија.
Во однос на избирањето градоначалник во прв круг, треба да се разговара, напомена, со опозицијата и другите партии.
-И ние имаме определени барања како СДСМ, барања имаат и другите партии. Ќе ги ставиме на куп, па ќе видиме дали од тоа може да излезе еден компактен изборен модел, потенцира министерот.
Во врска со оценката на Стејт департментот за правосудтсвото, рече дека е добро што се препознаени напорите на Владата за реформи во оваа сфера и дека тие напори даваат резултати.
-Нотирана е поголемо почитување на независноста на правосудството. Секако, има и слабости, но на нив веќе работиме преку зголемување на буџетот и ресурсите на судството и обвинителството, посочи Маричиќ.
За процесот на прочистување, пак, нагласи дека динамиката на работа на Судскиот совет е видлива и за пофалба.
-За жал, во обвинителството и Советот на јавните обвинители нема таква динамика, но јас очекувам и верувам дека обвинителите ќе се оценуваат со новите критериуми, подвлече министерот за правда.