Во општините Македонска Каменица и Пехчево каде утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, од вкупно пријавените  200 лица кои гласаа во домашни услови, на ден пред изборите своето право на глас го искористија 141 болни, изнемоштени и лица позитивни на Ковид-19.

Како што информираше претседателката на Општинската изборна комисија Бота Димитрова – Ангелова, гласањето во М.Каменица се одвивало без никакави проблеми.

-На територијата на општина Македонска Каменица 27 болни и изнемоштени лица го остварија своето право на глас, како и 11 лица позитивни на Ковид-19 од исто толку пријавени, рече Димитрова Ангелова.

Во Пехчево каде бројката на пријавени за гласање во домашни услови изнесуваше 106 болни и изнемоштени и лица со Ковид-19, денеска гласале 103 лица.

-Своето право на глас не го остварија само три лица од регистрираните 106 болни и изнемоштени граѓани, додека сите тројца граѓани со Ковид-19 денеска гласаа, истакна претседателката на Општинската изборна комисија Мануела Станоевска.

Во двете општини утре можност да гласаат ќе имаат 10.801 лице со право на глас, а ќе се гласа на вкупно 26 избирачки места од кои 17 во М.Каменица и 9 во Пехчево.