Владина делегација во која се заменик-претседателот на Владата Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, денеска во рамки на Самитот за Западен Балкан – Берлински процес кој се одржува во Лондон, оствари средба со министерот за бизнис и трговија на Обединетото Кралство, Сер Крис Брајан.

По средбата, вицепремиерот Николоски изјави дека Обединетото Кралство е сериозно посветено на реализација на Договорот Влада со Влада и најави повеќе средби со високи владини претставници.

Тој информира дека делегацијата започнува дводневна работна посета во рамки на Берлинскиот процес, организиран од британскиот премиер Кир Стармер, и дека премиерот Христијан Мицкоски повторно ќе има средба со Стармер.

Николоски најави и прием кај кралот Чарлс, како и повеќе билатерални средби со британски министри и финансиски институции. Според него, првата средба со министерот за трговија и економија покажала дека Обединетото Кралство е силно посветено на реализацијата на меѓудржавниот договор, кој предвидува 6 милијарди евра за инфраструктурни проекти, вклучувајќи ја брзата пруга на Коридор 10 и изградбата на болници во Штип, Тетово и Кичево.

Во текот на утрешниот ден ќе се потпише и меѓудржавен договор за соработка во воздушниот сообраќај, со цел зголемување на бројот на директни летови меѓу Англија и Македонија.

Текстот Во Лондон почна дводневната работна посета на владината делегација: „Велика Британија е посветена на договорот Влада со Влада“ е превземен од МАКФАКС.