Министерството за здравство соопшти дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 625 и дека има околу 440 празни болнички кревети во ковид центрите.
Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, информираат од Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 377 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во главниот град пак, по истиот основ се лекуваат 248 пациенти.
Во ковид центрите во Скопје, во изминатите 24 часа се хоспитализирани 10 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на интерните клиники имало еден прием.
Пет нови приеми на пациенти имало во ковид центарот во ГОБ 8 Септември и 4 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени пациенти.
Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 100 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, велат од Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 7 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 21 пациент, на Клиниката за неврологија 12 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 25 пациенти со симптоми на корона вирусот.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 76 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 25 пациенти и на ГАК една хоспитализирана ковид позитивна пациентка.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.