Бројката на активни носители на коронавирусот во Косово за прв пат надмина 10 илјади и, вклучително новозаболените 529 од Ковид-19 минатото деноноќие, моментно изнесува 10.091, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово се наведува и дека во текот на вчерашниот ден починале шестмина од заболените, со што бројот на жртви на пандемијата од нејзината појава пред една година достигна до 1.674.

Од досега тестираните 341.443, од кои 2.888 во текот на вчерашниот ден, позитивни на коронвирусот резултирале вкупно 74.748 лица.

Последните 24 часа се регистрирани и 333 излекувани од Ковид-19, со што бројката на лица кои ја совладале болеста се искачи на 62.983.

Последните пар недели во Косово се забележува пораст на бројот на новозаболени од Ковид-19, кој секојдневно изнесува меѓу 500 и 600, што, според здравствените власти, е последица на непочитувањето на мерките за спречување на ширењето на пандемијата од страна на политичките партии за време на кампањата за вонредните парламентари избори што се одржаа на 14 февруари.