Цинкот е еден од важните минерали кој учествува во многу биохемиски процеси во организмот, а особено е важен во време на грипот и настинките. Сега, ескпертите советуваат дека овој минерал може да има значително влијание на исходите од болеста ковид-19.

Истражувањата спроведени во Шпанија, презентирани на Европската конференција за коронавирус, велат дека пациентите со ковид-19, а кај кои е дијагностициран недостаток на цинк, потешко закрепнуваат отколку оние кои не се во таа група.

Пониските нивоа на цинк во организмот се поврзани со посилни воспаленија во текот на инфекцијата, велат експертите. Долго време се сметаше дека цинкот го зајакнува имунитетот, а можното објаснување за оваа студија е дека тој има противвоспалително дејство, кое делува како заштита, објаснуваат пулмолозите.

1. Во кои намирници „се крие“ цинкот?

Еден од најдобрите извори на цинк во исхраната на човекот е црвеното месо. Со консумирање на околу 100 грама црвено месо, може да се задоволат дури 25 отсто од вкупните дневни потреби за цинк. Цинкот од црвеното месо се смета за исклучително корисен, бидејќи дури и мали количини на црвено месо во исхраната ја зголемуваат апсорпцијата на цинк од сите други прехранбени извори на цинк како мешунките и другиот зеленчук како брокула, карфиол, кељ и зелка.
Разновидната исхрана е неопходна за зајакнување на имунитетот, а со лесно динстаниот зеленчук, парче црвено месо ќе му ја даде на организмот потребната сила за борба во студените зимски денови.

2. Колку цинк ни е потребно?

Кога зборуваме за многу мали количини, важно е да се знае дека и најмалото отстапување во секојдневниот внес е доволно за да се почувствува негативното влијание од недостатокот на овој минерал во организмот, тврдат нутриционистите.
Здрави возрасни жени имаат потреба од 8 мг цинк на ден, трудниците 11 мг, а на доилките им се потребни 12 мг дневно.

3. Помага во зачувувањето на здравиот имунолошки систем

Во нашиот организам, цинкот игра одбранбена улога во борбата против токсините и другите штетни материи што ги внесуваме секој ден. Клучна улога игра и во производството на Т-клетките, кои го бранат организмот од вируси и канцерогени клетки. Накратко, недостатокот на цинк го загрозува вашиот имунитет, што го прави организмот поподложен на болести.

4. Го одржува нормалното ниво на шеќер во крвта

Инсулинот е хормон одговорен за одржување на избалансираното ниво на шеќер, што значи дека е клучен за здравјето. Цинкот помага при синтетизирање, складирање и отпуштање на инсулинот во панкреасот. Значи, недостатокот на цинк во организмот ќе се одрази на нивото на инсулин што на крајот ќе доведе до лоши навики во исхраната и ненадејни промени во нивоата на шеќерот во крвта.

5. Му помага на телото да се излекува

Во рамките на организмот, се одвива непрекината соработка помеѓу цинкот и тромбоцитите – крвни плочки кои помагаат при згрутчувањето на крвта и на тој начин ги лекуваат раните. Ако забележите дека на гребнатинките или раните на вашето тело им е потребно повеќе од вообичаено да заздрават, недостаток на цинк може да биде една од причините.

6. Поттикнува уредно функционирање на дигестивниот систем

Цинкот дејствува со протеините во секој орган и поддржува речиси 100 различни ензими во различни процеси, од кои едната е варењето на храната. Поточно, организмот не е во можност целосно да ги вари и искористи хранливите материи без помош на цинк. Симптомите како гадење, повраќање или дијареја денес многумина ги толкуваат како нетолеранција на глутен, а можно е едноставно да не се внесува доволно храна богата со цинк, како што се јогурт, сирење, спанаќ или морски плодови.

7. Помага да уживате во вкусот на храната

Цинкот е неопходен за функционирање на рецепторите за вкус, па ако ви се чини дека повеќе не можете да разликувате вкусови и мириси како порано, тоа може да биде недостатокот на цинк во организмот. Овој симптом потешко се забележува, а еден од начините е да се фокусирате на она што го јадете.

8. Ја олеснува концентрацијата

Некои истражувања покажаа дека постои врска помеѓу нивото на цинк во телото и вашата способност да се фокусирате на некоја работа подолго време. Научниците забележале разлики во однесувањето кај луѓето со различни нивоа на цинк во организмот.

9. Го поттикнува работењето на метаболизмот

Цинкот помага при варењето на протеините, јаглехидратите и мастите. Недостатокот на овој минерал може да се манифестира преку недостаток на енергија и општа забавеност. Исто така, кај луѓето кои се обидуваат да изгубат вишок килограми, недостаток на цинк во телото ќе го забави овој процес.

Важно е да се запамети дека кога консумирате додатоци во исхраната, во случај на недостаток на цинк, внимавајте тоа да не доведе до создавање вишок, бидејќи може да има негативни последици на организмот. Збогатете го вашето мени со намирници како мешунки, јаткасти плодови и семки.