Мажoт кој на скопскиот плоштад се залепи со селотејп за бандера, го направил тоа за да испрати силна порака и да го насочи вниманието на јавноста кон трагедијата во Кочани.
Тој пред собраните праша: „Па толку брзо ли не’ заборавивте?“.
Вели дека пред некој ден во Кочани си дошле деца што немаат прсти на рацете.
„Овие деца се пуштени од болница, и ќе немаат цел живот раце. Барем да им помогнеме. Толку ли брзо не заборавивте нас од Кочани? Зошто тој град никогаш не бил битен? Да направиме нешто за тој град. Наместо да се отвораат нелегални дискотеки нека направат нешто во Кочани. Нека направат некој културен центар, спортски центар. Нека отворат некое кино, наместо деца да одат по такви места да се глупираат таму, нека гледаат филм“, рече човекот од Кочани.
Тој вели дека жителите на овој град не се чувствуваат добро и повика на разбирање. Ако не се преземе нешто, вели, работата ќе оди на полошо.
„Ми загинаа пет другари, и некој ме прашува: Нема ли да ти биде срам што ќе бидеш врзан? Јас сум секако духовно врзан. Нема што да правам, мотам да живеам во тој град. Мора да направам нешто за него“, рече човекот објаснувајќи ја симболиката на врзувањето.
Рече дека донациите се намалиле, а на децата ќе им требаат многу пари.
„Само на едно дете знам дека му се потребни ракавици за рацете и нозете. Една ракавица е 1.000 евра. Значи ќе му требаат 4.000 евра. Како што гледаме, државата тие пари нема да ги обезбеди. Ако ништо друго за тие деца да се соберат пари. Каков живот ќе живеат тие деца?“, рече човекот.
Тој попладнево го привлече вниманието врзан за бандера. Прашан зошто го прави тоа одговори дека ќе каже кога ќе се соберат повеќе новинари.