„Моќта на луѓето е посилна од луѓето што се на моќ“, „Не чекајте катастрофа, дејствувајте сега“, „Ефективен притвор”, „Секој може да е следен”, „Системот убива”. Со вакви транспаренти денес во Кочани се одржа седмиот марш на ангелите.

На маршот, предводен од родителите на загинатите деца во пожарот „Пулс“ и денес, беше побарана правда.

Родителите чекореа во тишина, држејќи ги во рацете фотографиите на своите деца, придружени од граѓани кои им се приклучија за да ги поддржат.

„Нашиот глас е гласот на оние кои трагично заминаа во огнот, молк што зборува повеќе од илјада зборови. Но нашиот молк нема да трае долго како вашето судење”, беше порачано на протестот.

Претходно денес, Обвинителството соопшти дека обвинителите кои постапуваат во истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс” почнуваат да сослушуваат претставници на семејствата на починатите. Од Обвинителството велат дека преку исказите дадени пред јавен обвинител тие ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон. Исто така, ќе можат и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот.

Текстот Во Кочани се одржа седмиот марш на ангелите, родителите со порака: „Нашиот молк нема да трае долго“ е превземен од МАКФАКС.