Директорот на ЦИА, Вилијам Бернс имал таен состанок со лидерот на талибанците Абдул Гани Барадар, јави денеска весникот Вашингтон Пост. Повикувајќи се на американски службеници кои побарале анонимност, медиумот тврди дека состанокот бил одржан вчера во главниот авганистански град.

Advertisements

Од ЦИА одбиле да дадат официјален коментар за состанокот со Талибанците, но во текстот се наведува дека тема на разговор најверојатно бил рокот за завршување на операцијата со евакуирање од Кабул, која беше договорена дека ќе заврши на 31-ви август. Дури и да имало ваков состанок, тој не би бил прва таква средба на највисоки американски државници, затоа што средба со Барадар лани имал и поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео од администрацијата на Трамп.

Инаку, лидерите од групата Г-7 најразвиени држави во светот се состануваат денеска токму за да разговараат за ситуацијата во Авганистан, при што неколкумина се залагаат американскиот претседател Џо Бајден да ги задржи американските војници во земјата и по 31-ви август за да се олесни тековниот напор за евакуација.

Летовите од аеродромот во Кабул продолжија и денеска. Свои граѓани евакуираа Холандија, Франција, Велика Британија, но и земји како Јапонија и Египет.

Во меѓувреме, животот за Авганистанците станува уште потежок. Соочени со уништени државни институции, а се уште во исчекување на новиот талибански систем, не можат да врзат крај со крај. Економијата е во колапс, администрацијата дома, а училиштата затворени.

Иван Блажевски