Најмалата држава Ватикан купи ладилник за чување на анти-ковид вакцините на „Фајзер“ и на „БајонТек“, а процесот на вакцинација се очекува да започне најдоцна до втората половина на јануари.
Во Ватикан живеат околу 450 луѓе, вклучувајќи го и папата Франциск, а неколку стотици од неговите вработени живеат во Рим, кој го опкружува градот-држава.
– Вакцините најверојатно ќе пристигнат во втората недела од јануари во доволни количини, за да се обезбедат потребите на Светиот престол и државата Ватикан, се наведува во соопштението на малата држава.
Ватикан соопшти дека купил ладилник за складирање на дозите при ултра-ниска температура, што укажува на тоа дека ќе ја користи вакцината што заеднички ја развија американската компанија „Фајзер“ и германската „БајонТек“, која треба да се чува на околу минус 70 Целзиусови степени.