Претставници на групата земји кои работат заедно за да ги истражат воените злосторства во руската инвазија врз Украина денеска се состануваат во Хаг, барајќи одговорните за злосторствата да бидат изведени пред лицето на правдата.
Американските медиуми јавуваат дека на координативниот состанок во Агенцијата за судска соработка на ЕУ – Еуроџаст, се собраа членовите на Заедничкиот истражен тим и обвинителот на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан.
Состанокот се одржува во време кога руските сили продолжуваат да ги гранатираат украинските градови.
Руската инвазија врз Украина во светот е осудена како агресија. Руските сили се обвинети за убивање цивили во Буча, град во близина на Киев, и за повторени напади врз цивилна инфраструктура, вклучително и болници и театарот во опколениот град Мариупол, каде што беа засолнети стотици цивили.
Заедничкиот истражен тим, составен од претставници на Украина, Литванија и Полска беше формиран кон крајот на март, неколку недели откако Меѓународниот кривичен суд отвори истрага во Украина, а десетици земји членки ја поддржаа истрагата.
Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан ја посети Украина, вклучително и Буча, и има тим од истражители во земјата кои собираат докази.
Меѓу присутните на средбата ќе биде и главниот обвинител на Украина Ирина Венедиктова.