Локалната самоуправа и волонтери од американскиот „Мировен корпус“ денеска го отворија седумдневниот камп за ученици од основните училишта на територијата на општина Гостивар.

Едукативниот камп ќе се одржува во средното техничко училиште и во наредниве денови шеесетина основци од четврто, петто, шесто одделение ќе се запознаваат со културата и традицијата на повеќе земји.

Првиот ден од едукативниот камп почна со симболично одбележување на 4 Јули – Денот на независноста на Соединетите американски држави (САД) и запознавање со спецификите на оваа северноамериканска земја.

– Ова е за прв пат заеднички организираме летен камп за учениците од основните училишта. Овој американски модел е добро прифатен и особено ми е драго што ни се приклучија пријатели и обучувачи од САД. На овој начин учениците покрај образованието ќе се дружат и забавуваат во деновите на летниот распуст. Посакувам оваа иницијатива да стане традиција во нашиот град, рече в.д. градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

Кампот е заедничка активност како дел од соработката на Општина Гостивар и Мировниот корпус (Peace corps).