Три лица се уапсени утрово во голема акција на германската полиција под сомнение дека финансирале терористичка организација во Сирија. Уапсени се двајца мажи со германски пасош и жена кај која се пронајдени српски и косовски документи.
Агенти на германската полиција утрово извршиле претрес на повеќе локации ширум Германија, при што се уапсени српска и косовска државјанка В.М. како и германските државјани О.А. и Т.М. под сомнение дека финансирале тероризам и поддржувале терористички организации во странство, како и под сомнение дека го прекршиле законот за надворешна трговија. Покрај тоа, полицијата претресе и станови на уште 11 лица.
Како што пренесуваат германските медиуми, осомничените соработувале со терористичката организација Тахрир ел Шам за која се наведува дека е спој на различни милитантно – фундаменталистички движења во Сирија и има за цел рушење на сириската влада и да воспостави исламска држава заснована на нивната идеологија.
Уапсените се осомничени дека припаѓале на меѓународна мрежа на финансиери од Европа која вложувала значителни суми во активностите на терористичките организации. О.А. и Т.М. се означени како финансиски посредници, со тоа што О.А. престојувал во Турција од каде ја одржувал интернет платформата на која се упатувани јавни повици за донации и финансирање на џихад.
На платформата е објавено дека уплатените пари ќе служат за купување на оружје и за животот на „борците“. Т.М. ги пренесувал парите добиени од донации на членовите на организациите во Сирија.
В.М. е осомничена дека во февруари и септември 2018 година извршила трансакција на пари на сметка на терористичката организација, еднаш преку О.А., а вториот пат преку посредник од Сирија.