Просечната месечна исплатена нето плата по вработен во февруари годинава изнесува 29.839 денари што е зголемување за 6,8 отсто во споредба со истиот месец од минатата година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, зголемувањето се должи на повисоката исплатена просечната месечна нето плата по вработен во секторите: Други услужни дејности за 13,2 отсто, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 13,1 и Стручни, научни и технички дејности за 11,6 отсто.

Намалување на просечната месечна исплатена нето плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен за 7,5 отсто, Земјоделство, шумарство и рибарство за 5,9 и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 5,3 отсто.

Просечната месечна исплатена бруто плата по вработен, во февруари 2022 година, пак, изнесува 44.531 денар и е повисока за 6,8 отсто во споредба со февруари 2021 година.

Во моментите кога ДЗС ги објави податоците за просечната нето плата во Македонија, во тек е генерален штрајк во образованието. Поразителни се податоците дека наставниците и просветните работници во нашата држава добиваат плата која е пониска од државниот просек, односно околу 25.000 денари во зависност од бројот на часови. Македонија е единствената земја во Европа каде просечната држвна плата е повисока од платите на наставниците.